Заврши 24то Светско јуниорско првенство во женска конкуренција

Заврши 24то Светско јуниорско првенство во женска конкуренција

Ракометната федерација на Македонија од 19 до 30 јуни годинава, беше домаќин и организатор на 24то Светско јуниорско првенство во женска конкуренција, во рамки на кое учествуваа 32 селекции и беа одиграни 116 натпревари во СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Неговата Екселенција, д-р Хасан Мустафа, Претседател на Светската ракометна федерација (IHF) и почесен претседател на Олимпискиот комитет на Египет, од трибините во скопските сали проследи голем дел од мечевите на овој јуниорски мундијал. Претседателот на IHF упати срдечни честитки за успешната организација и за одличната спортска атмосфера:

„Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страстна ракометна нација, но и за способност да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух, се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нé обединува сите нас“, истакна д-р Мустафа, потенцирајќи благодарност во свое лично и во име на IHF, до домаќините на уште едно успешно реализирано светско првенство, кое од 2022 година прерасна во референца за идните земји-организатори.

Ракометната Федерација на Македонија за целите на организација на овој настан вклучи бројни човечки ресурси: 110 волонтери, 32 водичи на селекциите, 27 скаути, 7 одговорни лица на сали, 10 професоналци од РФМ, 10 офицери за допинг-контрола, 18 медиумски работници, технички лица за спроведување на натпреварите, лица задолжени за забавниот дел, како и лица задолжени во делот на техничка поддршка и опрема.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, упати посебна благодарност до Светската ракометна федерација, за полната доверба која оваа институција ја довери на Федерацијата за менаџирање на спортски настани од највисок организациски ранг.

„Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, бројните спортски работници, тимот во Федерацијата, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи – сите кои веруваа дека можеме да се износиме со уште еден ваков голем проект. Се надевам дека оваа заемна доверба, соработка и силното спортско партнерство, ќе продолжат да се надградуваат и во иднина”, истакна Мукаетов.

24то Светско јуниорско првенство во женска конкуренција беше 10-ти јубилеен настан од висок ранг во организација на ова раководство на РФМ, со организирани 6 европски и 4 светски првенства, од кои 9 во младинска и 1 во сениорска конкуренција.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести