Македонската репрезентација го запиша и вториот пораз на Светското првенство што се игра во Германија и Данска.
Актуелниот европски првак Шпанија беше подобриот противник вечерва и славеше победа со резултат 32-21 на полувреме (13-12).
Македонската репрезентација беше подобриот противник во голем дел од првото полувреме. Поведовме со 5-2, 6-3, пред противникот да успее во 17 минута да израмни на 6-6.
До крајот на првото полувреме се играше израмнето со тоа што екипите се менуваа во водството. Шпанија водеше 9-8, Македонија поведе 11-10, на одмор се замина со резултат 13-12 за Шпанија.
Натпреварот беше решен во првите три минути од вториот дел. Шпанија со серија од 5-0 стигна до водство од 18-12. Разликата од пет-шест гола беше актуелна до десетина минути до крајот, а потоа противникот зголеми за конечни плус 11.
Најдобар стрелец во македонскиот тим беше Жарко Пешевски со шест гола, Кирил Лазаров постигна пет. Голманот Никола Митревски имаше 14 одбрани.
Официјален записник од натпреварот
Утре во 18:00 часот Македонија ќе игра против селекцијата на Исланд во последниот меч од прелиминарната рунда. Победникот од овој натпревар ќе игра во главната рунда во Келн.