Младинската женска селекција на Македонија вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ со убедлива победа против селекцијата на САД го започна учеството на Мундијалот.
Избраничките на Дарко Јанев водеа во текот на целиот натпревар против САД и заслужено славеа убедлив триумф од 32-15. До полувремето на мечот игран СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, Македонија веќе водеше со 15-06, по што во рутинската завршница немаше проблеми да ја задржи и зголеми предноста.
Најдобар стрелец во нашата репрезентација беше Борјана Коцева со 9 постигнати голови, а меѓу најпрецизните беше и Ива Младеновска со 7 постигнати голови.
Следниот натпревар на Светското Првенство за нашите репрезентативки кој ќе го одиграат утре од 18:00 часот е против селекцијата на Исланд. Во последното коло од групната фана нашиот состав во сабота (22.06.2024) од 20:15 часот ќе се сретне со селекцијата на Ангола.
Борјана Коцева беше прогласена за најкорисен играч на натпреварот (МВП).