Сениорките поразени во Скопје од Хрватска

Сениорките поразени во Скопје од Хрватска

(Фото: Екипа)

Сениорската женска репрезентација на Македонија доживеа пораз од Хрватска со 36-22 на вториот натпревар од Квалификациите за ЕП 2016. И покрај многу подоброто прво полувреме, избраничките на Симе Симевски немаа сили да го задржат ритамот и во второто полувреме од средбата во СРЦ „Кале“.

И покрај тоа што фаворизираната Хрватска од стартот на натпреварот го превзема водството, нашиот подмладен состав со пожртвувана игра успеваше да го одржи чекорот во текот на првото полувреме. Во 12 минута од средбата, со погодокот на капитенот Елена Ѓеорѓиевска нашата репрезентација се приближи на 6-5, но веднаш потоа следуваше серија од 4-1 на противникот, со која ја задржа предноста. Пред крајот на првото полувреме Керамичиева и Десподовска стигнаа до свои први реализации, за Милановиќ со гол пред самиот истек на 30-те минути да донесе водство на Хрватска од 15-11 на паузата.

Сепак и покрај добрата игра на нашиот млад состав во првото полувреме, Хрватска рано во второто полувреме направи серија од 5-0, по која стигна и до прва двоцифрена разлика од 25-15. Искуството на гостинскиот состав доведе до рутинска завршница на натпреварот, во која беа постигнати конечните 36-22.

Најефикасна во нашата репрезентација беше Сара Ристовска со 8 погодоци. Елена Ѓеорѓиевска додаде 5 голови, а Керамичиева и Саздовска го завршија мечот со по 4 голови. Кај Хрватска, ракометарката на Вардар – Андреа Пенезиќ беше најпрецизна со 9 голови.

„Играме со фаворити, реални сме и знаеме каков циклус е ова за нашата репрезентација со овој млад состав. Но, времето на оваа репрезентација допрва доаѓа. Ни недостасува искуство и ни недостасуваат големи натпревари во континуитет. Без разлика на резултатот, јас имам верба во овој млад состав. Игравме онолку колку што имавме сили и колку што ни дозволи физичката подготвеност. Не можам да им замерам на девојките, на желбата и на залагањето. Се надевам дека ќе има напредок и дека во следниот циклус ќе бидеме многу подобри“, изјави селекторот на нашиот состав, Симе Симовски по натпреварот.

Ова беше втор пораз на Македонија во квалификациската група каде се уште Црна Гора и Словенија. Квалификациите продолжуваат во март 2016 година, кога ќе одиграме два натпревари со Словенија.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести

Известување

Почитувани љубители на ракометот, Бидете информирани дека по барање на ракометните клубови учесници