Женската сениорска репрезентација на Македонија ги одработува последните подготовки пред почетокот на Квалификациите за ЕП. Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов ја посети репрезентацијата пред денешниот вечерен тренинг и им посака среќа на ракометарките пред првото гостување во Црна Гора.
Репрезентацијата утре вечер заминува за Црна Гора, а првиот натпревар ќе го одигра во среда. Веќе наредниот викенд ќе се одигра и втората средба од квалификациската група, кога во Скопје, нашите ракометарки ќе ја пречекаат Хрватска. Покрај Македонија, Црна Гора и Хрватска, во квалификациската група за Европското Првенство се наоѓа и Словенија.
Нашата репрезентација во квалификациите влегува со подмладен состав, а задачата е особено отежната ако се има во предвид квалитетот на противниците, кои се вклучуваат меѓу најсилните во Европа. Сепак, новиот селектор Симе Симовски верува во своите избранички и најавува максимален ангажман за што подобро претставување на оваа млада, но доста амбициозна генерација.
„За мене селекторската функција претставува пред се еден голем предизвик. Со задоволство го прифатив и верувам дека сите заедно ќе успееме да ги реализираме замислите за иднината на овој тим и што тој треба да претставува на европско ниво. Конкретно за квалификациите, добро сме запознаени со квалитетите на сите три наши противници и знаеме дека станува збор за тимови кои се во самиот ‘европски крем’, но немаме намера да одиме со бело знаме. Напротив, на сите натпревари влегуваме максимално мотивирани со желба да се претставиме во што е можно подобро светло“, вели Симовски.
На денешниот вечерен тренинг на репрезентацијата, присуствуваа и Претседателот на РФМ – Живко Мукаетов и Генералниот Секретар – Филип Милошевски. Мукаетов преку обраќање до ракометарките им даде максимална поддршка за совладување на предизвиците, потенцирајќи на вербата во нивниот потенцијал и во нивниот квалитет да ја претстават Македонија во најдобро светло.
„Ние како Федерација ќе направиме се што е во наша моќ да дадеме максимална организациска поддршка на репрезентацијата – на новиот стручен штаб и на овие млади ракометарки. Имаме сериозно подмладување, но станува збор за една генерација ракометарки која допрва доаѓа и на која навистина сериозно сметаме на долг рок. Верувам дека со една добра системска работа и максимален ангажман, овој тим во иднина може да прерасне во конкурентен состав кој ќе ја претставува нашата земја и на најголемите континентални и светски натпреварувања“, изјави Мукаетов.
Според распоредот, за утре предвидени се уште два тренинзи на репрезентацијата во Скопје, по што доцна навечер тимот тргнува за Црна Гора. Пред стартот на средбата во среда, нашата селекција ќе има можност да одработи уште два тренинзи на теренот на кој ќе се игра натпреварот.