Младинската репрезентација на Македонија (до 21 година) денеска ги почнува квалификациите за Светското Првенство Алжир 2017. На првиот натпревар на квалификацискиот турнир што ќе се игра во Скопје, избраниците на Иле Темелковски ќе се сретнат со Полска од 17:45 во СРЦ „Кале“.
Според предвидувањата денешниот меч треба да биде и клучниот за нашата репрезентација за пласман на Светското Првенство, со тоа што Полска е издвоена како прв фаворит во конкуренцијата. Во нашата група уште се наоѓаат и селекциите на Португалија и Турција. Турнирот ќе се игра во наредните три дена по што најдобропласираната од четирите репрезентации ќе обезбеди учество на СП во Алжир.
Репрезентацијата на Македонија на квалификацискиот турнир ќе ја претставуваат 16 ракометари: Филип Арсеновски, Никола Даниловски, Димитар Димитриоски, Иван Џонов, Томислав Јагуриновски, Горан Крстевски, Дејан Кукуловски, Милан Лазаревски, Марко Нелоски, Давор Палевски, Дарио Петровски, Мице Шилегов, Филип Талески, Марио Танковски, Мартин Томовски и Мартин Велковски.
Денешната програма на турнирот почнува со мечот помеѓу Португалија и Турција од 15:00 часот. Македонија и Полска ќе играат од 17:45 часот. Влезот во СРЦ „Кале“ за сите натпревари е отворен за посетителите.
Пренос од натпреварите кои ќе ги игра Македонија на турнирот ќе може да се проследат на МРТ, додека за останатите натпревари овозможен е интернет пренос (live stream) на следниот линк:
https://www.youtube.com/watch?v=eHLgEis06YQ