Македонската ракометна репрезентација се пласираше на Светското првенство 2023, што ќе се одржи во Полска и Шведска по победата од 27-25 против Чешка на реванш натпреварот од баражот.
Нашиот национален тим шести пат по ред ќе игра на ракометниот Мундијал и ја продолжува успешната низа на настапи на големите натпреварувања, што трае уште од 2012 година.
По ремито 24-24 на првиот натпревар во Злин, Чесите и во Скопје покажаа дека се исклучително квалитетен состав. Гостите водеа во почетните минути, но потоа нашите момци по една серија од 5-0 дојдоа до водство од 7-4. До полувреме ја одржувавме предноста и на пауза заминавме со 14-12.
Вториот дел мина во исто темпо како и првиот, а Македонија поведе и со најубедливите 20-16. Чешка силно притисна па победникот се решаваше во последната минута. Победата од 27-25 ја обезбеди Филип Кузмановски, кој во последните секунди реализираше пенал и го откажа противникот од надежта за реми кое ќе го одведеше на СП 2023.
Токму Кузмановски со 9 постигнати погодоци беше најефикасен во нашиот табор, а Филип Талески имаше шест погодоци. Томислав Јагуриновски реализираше три пати и одлично го замени Кирил Лазаров, кој се повреди. Голманот Никола Митревски натпреварот го заврши со 14 интервенции.
Овој натпревар беше последен за Филип Миркуловски, кој од националниот дрес се “отпиша” со два погодока. Репрезентативна пензија најави и нашиот легендарен пикер Стојанче Стоилов, кој својата одлука ја сподели на официјалната прес-конференција по завршувањето на натпреварот.