Македонија ја совлада Босна и Херцеговина во првата пријателска средба

Македонија ја совлада Босна и Херцеговина во првата пријателска средба

Сениорската машка ракометна репрезентација на Македонија со водство во текот на сите 60 минути од натпреварот без посериозни проблеми ја совлада Босна и Херцеговина со 28-24 во првата од трите пријателски средби во склоп на подготовките за СП во Франција.

Ова беше и единствениот натпревар од отворен тип, на кој бројните навивачи во СРЦ „Кале“ им дадоа поддршка на нашите ракометари пред настапот на Светското Првенство. Со добра игра во одбраната, Македонија по 10 минути игра веќе водеше со 8-2, а највисоката предност дојде веднаш потоа, кога Македонија водеше со 12-4. Селекторот Лино Червар, како што и најави пред натпреварот, често ротираше со составот давајќи им шанса на сите ракометари и пробувајќи повеќе различни варијанти кои би требало да се усовршат до настапот во Франција. На полувреме се замина со 16-11, па иако Босанците во продолжението успеаја да ја намалат разликата, Македонија со сигурна игра постојано го одржуваше водството и стигна до конечен и заслужен триумф од 28-24.

Дејан Манасков го заврши мечот како најдобар стрелец со 7 погодоци, додека Кирил Лазаров и Стоилов додадоа по 5 гола. Филип Миркуловски беше стрелец на три погодоци. Впечатлив настап имаа нашите тројца голмани, Колев, Митревски и Трајковски кои заедно одбранија 17 удари.

Вечерва од 20:00 часот, нашата сениорска репрезентација ќе ја одигра втората од трите предвидени пријателски средби против Босна и Херцеговина. Натпреварот ќе се игра во салата „Автокоманда“ во Скопје и ќе биде од затворен карактер. Последната средба ќе се игра утре, по што следува продолжување на тренинзите до заминувањето за Франција.

На СП во Франција нашата репрезентација првиот меч ќе го одигра на 12 јануари а противник ќе биде селекцијата на Тунис. Во нашата група се уште Ангола, Словенија, Шпанија и Исланд.

Фото: Филип Вирановски, gol.mk

mak-rakomet-makedonija-bih-03-01-2017-6224

mak-rakomet-makedonija-bih-03-01-2017-6239

mak-rakomet-makedonija-bih-03-01-2017-6250

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести