ИНФОРМАЦИЈА ЗА ЈАВНОСТ

До:                 

Македонски медиуми;

Поддржувачи/Спонзори на РФМ;

Ракометни пријатели и верни љубители на ракометот

Почитувани,

Предмет: Информација за хуманитарен ракометен меч

Ракометната Федерација на Македонија, со особена чест и задоволство го најавува мечот на деценијата, во чии рамки спортските сили ќе ги одмерат ракометните ветерани и актуелните репрезентативци на ревијален, пријателски натпревар, кој ќе се одигра на 3 јануари 2023 година со почеток во 19 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ и истиот ќе биде од хуманитарен карактер. 

Овој несекојдневен спортски спектакл, има за цел да им оддаде почит на сите ракометари и ракометни работници кои оставиле свој личен придонес во колективниот учинок на ракометот како најпопуларен македонски спорт.

До денес, своето присуство на теренот го потврдија: Алушовски  Стевче, Ангелов Петар, Ангеловски Бранко, Ѓоргоновски Горан, Даскаловски Златко, Димовски Ванчо, Јовиќ Александар, Кузманоски Горан, Јоновски Ацо, Лазаров Кирил, Лазаров Филип, Макаловски Гоце, Марковски Велко, Миркуловски Филип, Митков Влатко, Мојсовски Златко, Мојсовски Наумче, Недановски Владо, Ристовски Борко, Стоилов Митко, Стоилов Столе и Стојановиќ Раде, како и добро познатите селектори Илија Темелковски и Звонко Шундовски.

Актуелниот национален состав за претстојното Светско првенство во ракомет, кое ќе се одвива од 11 до 29 јануари 2023 во Полска/Шведска – ќе биде противничкиот табор на ветераните.

Покрај квалитетен ракомет, за време на настанот се предвидува и квалитетна забавна програма модерирана од Сашко Коцев, во која ќе настапат македонските уметници: Дац и Александар, Кики, Некст тајм и Меморија.

Билетите, во ограничен број, ќе бидат во продажба од 19 декември 2022 година преку мрежата на МК Тикетс по цена од 250 и 300 денари.

Приходите од продажбата на билетите, Ракометната федерација на Македонија ќе ги донира на „СОС Детско село“ од Скопје, која организација во моментов поддржува повеќе од 394 деца и млади кои се без родители и родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Повеќе од 20 години СОС Детско село функционира на принцип на донации, благодарение на кои се грижи за децата кои се под нивна надлежност.

            Нека ова биде „загревање“ за најракометниот месец во годината, но и дополнителен повод да израдувате некого за празниците и НЕКА ПОБЕДАТ НАШИТЕ!!!

Со почит,

Ракометна Федерација на Македонија

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести