Македонските селекции од Националната спортска академија, денеска убедливо славеа против своите врсници од Косово и во машка и во женска конкуренција, за конечни второ место во машка и трето место во женска конкуренција на Балканското Првенство во Бугарија.
Девојките иако на почетокот на својата средба губеа со 2-1, направија серија од 8-1 со што ја превземаа предноста и без посериозни проблеми ја одржуваа до крајот. Габриела Џини со постигнати 5 од првите 8 гола на нашиот тим ја предводеше реализацијата, така што на полувреме нашиот тим замина со предност од 15-10. Во продолжението на натпреварот, тренерот Наталија Тодоровска им даде посериозна шанса на сите ракометарки кои со добра игра го одведоа натпреварот кон крај за конечен триумф 29-21, освојувајќи го третото место на Турнирот.
Џини го заврши натпреварот со 8 голови како најпрецизна, а по 5 голови додадоа Граматова и Николовска. Од останатите стрелци, Божиновска постигна 3 гола, Јована Владева беше реализатор на 2 гола, додека по еднаш реализираа уште Гичевска, Стамова, Велкова, Милевска и Тодоровска.
Слично сценарио имаше и натпреварот во машка конкуренција, каде нашиот состав рано се одлепи што му дозволи на тренерот Влатко Неделковски да им даде посериозна минутажа на резервните играчи во тимот. По водството од 11-3 на средина од првото полувреме, Косово успеа за момент да се врати и до полувремето да намали на 16-10, но во второто полувреме нашите ракометари знаеја како да ја одржат контролата врз резултатот и случувањата на теренот, за конечни и заслужени 30-20. Со овој резултат, нашиот тим го обезбеди второто место на Турнирот.
Од стрелците, Алија Амазоски постигна 7 гола како најпрецизен, а по 5 реализираа Јагуриновски, Арсеновски и Јорданов. Јовановски беше стрелец на 4 гола, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа и Лазов, Стојановски, Гичев и Хаџидимовски.
Со овие два натпревари заврши Кадетското Балканско Првенство на кое нашите тимови составени од членовите на Националната Спортска Академија за три дена одиграа по три силни средби. По турнирот во Брашов во септември, ова е веќе втор меѓународен турнир за овие млади ракометари за само неколку месеци, што без разлика на резултатот, ќе обезбеди значајно искуство кое има особена важност во развојот на нивните млади ракометни кариери.