Сениорската машка репрезентација на Македонија одигра одлична завршница на првиот меч од Светското Првенство против Тунис и со пресврт по негатива од четири голови, успеа да слави заслужен триумф од 34-30.
Добро започнаа избраниците на Лино Червар, но почетното водство од 2-0 брзо се стопи, па до крајот на првото полувреме се играше генерално изедначено и гол-за-гол. Тунис на пауза замина со предност од 14-13, а во второто полувреме успеа и да ја зголеми до највисоки 4 голови разлика (24-20). Сепак, македонските ракометари одиграа најдобро кога беше најпотребно и со серија од 6-1 во завршницата најпрво да ја превземат позитивата, а потоа и да стигнат до конечен триумф од 34-30 за успешно отворање на Светското Првенство во Франција.
Капитенот Кирил Лазаров одигра фантастичен меч и ги предводеше стрелците со 12 голови со кои засега е лидер во реализацијата и воопшто на Светското Првенство. Импресивни беа и Стојанче Стоилов и Дејан Манасков кои реализираа по 7 погодоци, а во листата на стрелци се запишаа и Миркуловски со 3, Талески и Георгиевски кои постигнаа 2, како и Никола Маркоски кој беше реализатор на 1 гол. Голманите Трајковски и Колев искомбинираа 10 одбрани.
По оваа прва победа, Македонија е на делба на првото место во групата со селекциите на Словенија и Шпанија кои во првиот ден очекувано славеа во дуелите со Ангола, односно Исланд. Утре на Светското Првенство е слободен ден за нашата селекција, а во второто коло што ќе се одигра во сабота, Македонија ќе се сретне со Ангола од 20:45 часот.