Со водство во текот на целиот натпревар, Сениорската машка репрезентација на Македонија стигна до заслужена победа против Украина од 27-21 во натпреварот кој означи почеток на Квалификациите за ЕП 2018 што ќе се игра во Хрватска.
Кон средината од првото полувреме, Македонија со цврста игра во одбраната направи серија од 6-2 со која стигна до прво поопипливо водство, кое на 10 минути до полувремето изнесуваше 11-7. Кирил Лазаров и Дејан Манасков со по два гола во тој период беа највпечатливи во нападот, додека Борко Ристовски одбрани неколку удари на противникот за ја ја одржи Македонија во водство. На полувреме се замина со резултат 13-10 за Македонија, но и покрај постојаните обиди на Украина резултатски да се врати во продолжението од натпреварот, разликата во ниту еден момент не падна на помалку од 2 голови. Нашата репрезентација предводена од капитенот Лазаров кој постигна 12 голови на натпреварот, во завршните минути ја зголеми предноста и ги постави конечните и заслужени 27-21.
Покрај Кирил Лазаров кој беше најдобар стрелец на натпреварот, во нашата репрезентација реализатори беа и Манасков со 6 голови, Талески со 3, Стоилов со 2 гола, како и Прибак, Георгиевски, Кузмановски и Нелоски кои постигнаа по 1 гол.
Со оваа победа, Македонија успешно го отвори квалификацискиот циклус за Европското Првенство 2018 година, а веќе во сабота ја очекува и втората средба во групата, на гостински терен кај Чешка. Натпреварот ќе се игра во Плзен со почеток од 14:30 часот. Утре избраниците на Лино Червар продолжуваат да тренираат во Скопје, а заминувањето за Чешка е предвидено за петок рано изутрина.
Фото: Филип Вирановски