Работнички слави против Охрид за почеток на Суперлигата

Работнички слави против Охрид за почеток на Суперлигата

Предводен од расположениот Вања Илиќ кој постигна 13 голови, тимот на Работнички успешно ја отвори новата сезона во ВИП Машката Суперлига, совладувајќи го Охрид на домашен терен со 30-24.

Почетокот од натпреварот во Спортскиот Центар „Форца“ во Скопје, му припадна на тимот на Охрид, кој преку неколку добри реализации и контра напади прв поведе со 4-1. Охриѓани ја одржуваа предноста во првиот дел од полувремето, но Вања Илиќ најпрво предводеше серија на Работнички од 5-1 за пресврт и превземање на водството, а потоа и со вкупно осумте гола во првите 30 минути од натпреварот да му донесе предност на скопскиот состав на паузата од 14-11.

Златко Мојсовски, Мите Стоилов и браќата Маркоски одлично ја предводеа играта на домашниот состав, кој на стартот на второто полувреме и дополнително ја зголеми предноста до највисоки 19-12. Тимот на Охрид, главно преку Караиванов и Павловиќ, ја консолидираше играта во продолжението, но не доби многу шанси за фаќање резултатски приклучок во завршницата и Работнички го приведе натпреварот кон крај за заслужен триумф од 30-24.

Вања Илиќ со 13 постигнати голови беше најдобар стрелец во победничкиот состав, каде Никола Маркоски и Златко Мојсовски додадоа 6, односно 5 голови. Во тимот на Охрид, Мите Караиванов реализираше 8 голови, а Дарко Павловиќ беше стрелец на 5 гола.

ЗАПИСНИК ОД НАТПРЕВАРОТ

Првото коло во ВИП Суперлигата продолжува утре со натпреварот помеѓу Прилеп и Пелистер од 19:00 часот, а за недела се предвидени уште две средби: ГРК Борец – Металург 2 и Пролет – Радовиш. Колото се комплетира со натпреварот во среда помеѓу Вардар Јуниор и Металург.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести