Македонија во првиот шешир во извлекувањето за ЕП 2020

Македонија во првиот шешир во извлекувањето за ЕП 2020

Извлекувањето на квалификациските групи за Европското Првенство 2020 година ќе се одржи на 12 април во Трондхајм, Норвешка, а Македонија ќе го стартува од најсилниот прв шешир, во кој уште се наоѓаат селекциите на Франција, Хрватска, Германија, Данска, Словенија, Белорусија и Унгарија.

Тоа значи дека Македонија нема да може да биде во иста квалификациска група со ниту една од наведените репрезентации, односно ќе вкрсти со по една селекција од останатите три шешири. Поредувањето на репрезентациите по шешири произлегува од ранкингот на ЕХФ, кој пак се смета според резултатите од претходните квалификации и големи натпреварувања.

1 шешир: Франција, Хрватска, Германија, Данска, Словенија, Белорусија, Унгарија, Македонија
2 шешир: Русија, Чешка, Полска, Исланд, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Холандија, Португалија
3 шешир: Летонија, Литванија, Швајцарија, Словачка, Украина, Израел, Турција
4 шешир: Финска, Белгија, Естонија, Грција, Романија, Италија, Косово, Фарски Острови

Поради тоа што во вториот шешир се наоѓаат три репрезентации кои имаат ист ранг (Босна и Херцеговина, Холандија и Португалија), најпрво ќе биде извлечена една од овие три селекции која ќе биде преселена во третиот шешир, а потоа извлекувањето ќе се продолжи со извлекувањето на останатите селекции.

Инаку, ова е прво Европско Првенство на кое ќе учествуваат 24 репрезентации, а од квалификациските осум групи, двете најдобропласирани од секоја група, заедно со четирите најдобри третопласирани селекција од сите групи, ќе обезбедат учество на завршниот турнир. Покрај домаќините на ЕП – Шведска, Австрија и Норвешка, веќе обезбеден пласман на турнирот има и актуелниот шампион – Шпанија.

Според предвидениот распоред, првите натпревари од Квалификациите за ЕП 2020 ќе се одиграат во периодот од 24 до 28 октомври 2018 година, а останатите средби се на програмата во април 2019 и јуни 2019.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести