Сениорската машка репрезентација на Македонија и покрај тоа што водеше во најголемиот дел од натпреварот во Суми, не успеа да ја совлада Украина и на коло до крајот од квалификациите да го осигура пласманот на ЕП 2018. По нерешените 27-27, избраниците на Раул Гонзалез ќе бараат победа над Чешка во недела за осигурување на местото на континенталниот собир во Хрватска.
Натпреварот во Суми почна изедначено и со неколку промени на водството, но по предноста на Украина од 12-10, Македонија направи серија од 6-0 која на полувремето и донесе позитива од 4 голови (18-14). Највисоката предност за нашата репрезентација на почетокот на второто полувреме изнесуваше 5 гола, па Украина и покрај тоа што неколкупати во продолжението од второто полувреме се приближуваше до еден гол негатива, нашите репрезентативци не дозволуваа изедначување. Се играше изедначена завршница од средбата, Украина преку голот на Денисов успеа изедначи во самата последна минута од средбата, а потоа голманот Чуприна го одбрани ударот на Дејан Манасков во завршните секунди за конечни 27-27.
Капитенот Кирил Лазаров беше прв стрелец во нашиот тим со 8 постигнати голови, Филип Талески додаде 5, а Стоилов, Миркуловски и Манасков беа стрелци на по 4 гола. По 1 гол постигнаа и Митков и Пешевски. Кај Украина, Садовји беше најистакнат во нападот со 7 голови, додека особено впечатлив настап имаше и голманот Чуприна.
По овој нерешен исход, Македонија го дели второто место во групата со Украина со по 5 освоени бодови, прва е Чешка со 6 бода, а последен е Исланд со 4 бодови. Во последното коло, доколку Македонија ја совлада Чешка ќе се пласира на ЕП 2018 како првопласирана во групата. Во случај Украина да не го победи Исланд на мечот во Рејкјавик, на нашата репрезентација би и одговарал и нерешен резултат од средбата со Чешка.
Натпреварот Македонија – Чешка кој ќе означи крај на квалификацискиот циклус се игра во недела (18 јуни 2017) од 20:45 часот во ВИП Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.