Наши пријатели

Сениорите ги почнаа подготовките. Денеска се очекува комплетирање на составот

Сениорската машка ракометна репрезентација на Македонија синоќа го одржа првиот собир кој го означи почетокот на подготовките за квалификациските натпревари за ЕП 2018 против селекциите на Украина и Чешка.

Поради настапи за своите клубови во текот на викендот, неколкумина репрезентативци не беа присутни на првиот собир и на првиот тренинг кој синоќа се одржа во СРЦ „Кале“ во Скопје, но денеска во текот на денот се очекува тимот да се комплетира. Утрово на тренинзите се приклучија капитенот Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Велко Марковски и Ристо Арнаудовски, а попладнево ќе пристигнат и двајцата интернационалци кои настапуваат во Бундеслигата и кои вчера ги играа натпреварите за своите клубови – Дејан Манасков и Аце Јоновски.

Ќе се тренира редовно до првиот од двата квалификациски натпревари што нашиот состав ќе го одигра во ВИП Арена Борис Трајковски во среда (2 ноември) од 18:30 часот против селекцијата на Украина. Веднаш по завршувањето на таа средба, репрезентацијата патува за Плзен каде во сабота од 14:30 часот ќе и гостуваме на Чешка.

Во нашата квалификациска група се наоѓа и селекцијата на Исланд, која во првото коло ќе ја пречека Чешка. Најдобропласираните две репрезентации од групата ќе обезбедат учество на ЕП 2018 во Хрватска.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright