Сениорската женска репрезентација на Македонија загуби во првиот бараж натпревар за пласман на СП 2017 од фаворизираната Шведска. На натпреварот во СРЦ „Кале“ во Скопје, Швеѓанките славеа триумф од 31-20. Реваншот во Шведска се игра во вторник.
Иако добро го почнаа натпреварот, нашите репрезентативки немаа сили да го задржат високото темпо на игра кое го наметна Шведска и на крајот доживеаја пораз од 31-20 на првата средба од бараж-двомечот.
Македонија преку погодоците на Елена Ѓорѓијевска, Ливриниќ и Ристовска по 8 минути водеше со 4-3, но следуваше подолг период од 13 минути во кој имавме проблеми во нападот и постигнавме само еден погодок, па иако во истиот период игравме и доста цврста одбрана, Шведска направи пресврт и дојде до водство кое не го испушти до крајот.
На полувреме се замина со 12-9 за гостинската репрезентација, а во второто полувреме Швеѓанките постојано го зголемуваа водството за конечен триумф од 31-20.
Најпрецизна во нашиот тим беше Елена Ѓорѓијевска со 7 погодоци, Ливриниќ додаде 4, стрелци на по 3 гола беа Душица Ѓорѓијевска и Сара Ристовска, а уште во листата на стрелци се запишаа Мирјета Бајрамовска со 2 и Ивана Гакидова со 1 гол.
Реванш натпреварот од баражот за СП 2017 година се игра во Иштад во Шведска на 13 јуни (вторник).