Македонија со победа го отвори Светското првенство во Олимписката сала во Минхен. Во првото коло, бодрена од над 200 навивачи, Македонија ја совлада селекцијата на Јапонија 38-29 (18-13) и ги запиша првите бодови.
Резултатски натпреварот беше израмнет само во првите десетина минути од средбата. Во тој период Јапонија успеа и да поведе 4-3, но потоа следеше серија од 4-0 на нашите ракометари со кои комплетно ја преземавме контролата врз натпреварот.
Дејан Манасков на почетокот постигна три гола, а потоа Кирил Лазаров ја презема улогата на главен голгетер. Македонија ги користеше умешно своите предности и нашите напаѓачи без поголеми паузи ја погодуваа мрежата на јапонскиот голман. На спротивната страна Ристовски имаше низа успешни интервенции по кои Македонија во 18-та минута водеше со 10-5.
По ова се играше резултатски поизрамнето, но разликата за македонскиот состав остана и се движеше меѓу три и пет гола, за на полувреме да имаме водство од 18-13.
Кирил Лазаров со седум гола беше најефикасниот во македонскиот тим во првото полувреме.
Во вториот дел се играше со истиот ритам. Јапонија се доближи на 18-21, но веднаш следеше серија на Македонија со која одново дојдовме со плус пет 24-19. На петнаесет минути до крајот водевме 27-21, потоа беше 29-23 и полека натпреварот одеше кон сигурна завршница.
На пет минути до крајот имавме водстов од 34-27 и остана и простор и за атракција. Конечно Македонија запиша победа од 38-29. Кирил Лазаров постигна осум гола, еден помалку постигна Дејан Манасков, а Борко Ристовски средбата ја заврши со 20 интервенции.
Следниот натпревар на Македонија е во недела, а противник е репрезентацијата на Бахреин, натпреварот ќе се одигра во 14:00 часот.