Победа на Македонија над Словенија за старт на ЕП2018

Победа на Македонија над Словенија за старт на ЕП2018

Машката сениорска репрезентација на Македонија во максимално неизвесен натпревар ја совлада третопласираната селекција на последното Светско Првенство, Словенија, за отворање на ЕП 2018 во Загреб.

Избраниците на Раул Гонзалез знаеја како да го одржат силното темпо на игра во текот на целата средба, а во текот на првото полувреме успеаја да се вратат и од негатива од три гола која ја имаа во неколку наврати и до паузата да изедначат на 11-11.  Во второто полувреме нашиот состав почна одлично, со 4 гола во низа за водство од 15-11, но Словенија успеа резултатски да се врати во продолжението и на 10 минути до крајот изедначи на 21-21.

Во трилер-завршницата, Манасков беше стрелец на два гола за Македонија, а погодија и Кирил Лазаров и Филип Лазаров. При водство на Македонија од 25-24 во последната минута од средбата, добрата одбрана на нашата репрезентација ги примора Словенците на грешка во нападот, по што Македонија ја задржа топката за голем триумф од 25-24.

Дејан Манасков со 8 голови го заврши мечот како најпрецизен во нашиот тим, а капитенот Кирил Лазаров додаде 7 голови. Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски одиграа особено впечатлив натпревар за Македонија, а што се однесува до голманите, Никола Митревски забележа 9 одбрани, додека Борко Ристовски спречи 5 шута на Словенците.

Во вториот натпревар, Македонија ќе се сретне со Црна Гора. Средбата е закажана за 15 јануари. Во првата денешна средба од нашата група, Германија убедливо ја совлада Црна Гора.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести