Лино Червар претставен пред медиумите како селектор на Машката сениорска репрезентација

Лино Червар претставен пред медиумите како селектор на Машката сениорска репрезентација

Денеска на прес-конференцијата која што се одржа во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, Лино Червар беше промовиран во нов селектор на Машката сениорска репрезентација на Македонија.

„Денеска ми е голема чест и задоволство што го потврдуваме она што како Управен одбор и раководство на РФМ го одлучивме – Лино Червар да биде селектор на сениорската репрезентација“, изјави Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, на почетокот на прес-конференцијата. „За мене како претседател претставува големо задоволство како селектор да имаме човек кој е Олимписки и Светски првак, човек што придонесе многу за развојот на ракометот во Македонија од моментот кога дојде во нашата татковина. Нашата идеја е да работиме на долги патеки, договорот е на четири години и не се однесува само на А Селекцијата, туку тој треба да ја координира и работата на сите млади машки репрезентации“, дополни Мукаетов.

Лино Червар, кој на наследува селекторската позиција во сениорскиот тим од Ивица Обрван, пред медиумите ги образложи плановите за иднината на репрезентацијата и целите кон кои таа ќе се стреми:

„Сакам сега, кога е најтешко, да помогнам заедно со РФМ, со играчите и со сите оние во чие срце е ракометот, да ја продолжиме македонската ракометна приказна и на следните големи натпреварувања кои се пред нас, како СП 2017 во Франција и ЕП 2018 во Хрватска. Паралелно со тие цели, мораме заеднички да работиме на натамошно развивање на македонскиот ракомет. Да водиш репрезентација на една држава е голема чест, но и голема одговорност. Репрезентацијата е секогаш над се. Прво е таа, па потоа е подинецот или клупскиот интерес. Кој сака да игра за Македонија, вратите секогаш му се отворени од моја страна, а јас ќе направам се што е во моја моќ да креираме тим каде ќе владее заедничкиот национален тимски интерес. Верувам во напорна работа, иако времето до првиот следен предизвик е многу кратко. Ако се пласираме на СП, тоа ќе биде друга приказна бидејќи ќе имаме сосема доволно време да ја достигнеме посакуваната хомогеност во тимот, која верувам дека ќе не води до големи успеси во иднина“, истакна Червар.

Сениорската репрезентација на Македонија следниот настап го има на 11 јуни, кога ќе гостува во Злин на Чешка во првиот меч од баражот за пласман на СП 2017. Реваншот ќе се игра на 15 јуни во Скопје.

Фото: Sportmedia.mk

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести