Женската кадетска репрезентација на Македонија (до 17 години) ќе игра во група со Полска, Швајцарија, Грција и Фарски Острови на ЕХФ Шампионатот што во втората половина на август 2017 година ќе се игра во Скопје.
Ракометната Федерација на Македонија по добивањето на организацијата на ЕХФ Шампионатот во женска кадетска конкуренција, го предложи Скопје за организатор, а натпреварите ќе се играат во СРЦ „Кале“. Турнирот ќе се одржи во периодот од 14 до 20 август.
Извлекувањето на групите се одржа во понеделникот во канцелариите на ЕХФ во Виена, а покрај Македонија, Полска, Швајцарија, Грција и Фарски Острови, на турнирот во нашата земја ќе настапат уште Словенија, Бугарија, Исланд, Израел и Косово кои се дел од Групата Б.
Турнирот го почнуваме со натпревар против Грција, а во наредните два дена се среќаваме уште со Фарски Острови и Швајцарија. По слободниот ден го играме последниот меч од групата против носителот Полска, по што во зависност од пласманот во групата ќе разигруваме за конечна позиција на Шампионатот.