Јуниорската машка репрезентација на Македонија (У20) убедливо ја совлада Црна Гора со 36-24 во Шафхаузен, со што успешно ги заврши квалификациите за ЕП, обезбедувајќи пласман на континенталниот собир во Данска.
Засилени со Филип Кузмановски и Филип Талески кои допатуваа од Гдањск да им помогнат на своите врсници, нашите јуниори доминнираа во секој сегмент од играта против Црна Гора и заслужено стигнаа до триумф, втор во третиот натпревар од Квалификациите. Талески сепак не настапи на натпреварот, но Филип Кузмановски со постигнати 10 голови од 12 обиди беше вистински лидер на теренот за нашата репрезентација.
Во втората половина од првото полувреме, добрата игра на Македонија во одбраната овозможи лесна реализација на контра напади на спротивната страна, а покрај Кузмановски, реализацијата во тој период ја предводеа и Јагуриновски и Велковски. На полувреме се замина со високи 18-11, кои нашата репрезентација знаеше како да ги одржи и дополнително да ги зголеми до крајот, за заслужен триумф од 36-24.
Кузмановски со 10 голови беше најпрецизен во нашиот тим, а 7 гола додаде Јагуриновски. Горан Крстевски имаше нов добар натпревар завршувајќи го со 5 голови, повеќето од нив во второто полувреме, а уште во листата на стрелци се запишаа и Палевски (4), Велковски (2), Маркудов (2), Арсеновски (2), Трпчевски (2), Танкоски (1) и Шилегов (1).
По комплетирањето на сите квалификациски турнири денеска, познати ќе бидат и преостанатите учесници на ЕП 2016 што ќе се игра во Данска.