Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, г. Живко Мукаетов денес одржа средба со женската младинска репрезентација и стручниот штаб, непосредно пред заминувањето на претстојното ЕП во Шпанија 2015 за девојки до 19 години. На средбата која се одржа во просториите на „Алкалоид АД“ Скопје, г. Мукаетов им посака среќа на младите ракометарки, потенцирајќи дека и самиот пласман на ЕП е огромен успех, особено имајќи предвид дека ова е прво пласирање на младинската женска репрезентација преку квалификации на ЕП во таа категорија.
Директорот на женските репрезентации, г. Емил Угриновски и селекторот на женската младинска репрезентација, г. Симе Симовски истакнаа дека подготовките поминале во најдобар ред, и дека имаат на располагање еден квалитетен состав на млади ракометарки кои претставуваат огромна надеж за иднината на македонскиот женски ракомет генерално.
ЕП Шпанија 2015 за девојки до 19 години ќе се одржува од 23. јули до 02. август 2015 во Валенсија.