Со победа над ГРК Борец од 36-28 во последниот натпревар од Плеј Оф натпреварувањето, освојувачот на европската Лига на шампиони ја одбрани титулата и во домашното првенство, со што се стави точка на натпреварувачката сезона 2016/17 во домашните лиги.
По завршувањето на средбата во Велес, избраниците на Раул Гонзалез на церемонија во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ги примија медалите и пехарот, кој ја комплетираше најуспешната сезона на вардарци досега, со четири трофеи од сите четири натпреварувања во кои учествуваа – Македонското Првенство, Македонскиот Куп, Лигата на шампиони на Европа и СЕХА лигата.
На церемонијата што се одржа пред голем број навивачи на клубот, пехарот и медалите ги доделија Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов и Генералниот Секретар, Филип Милошевски. Покрај пехарот и медалите, на вардарци им беше доделена и врамена плакета за овековечување на моментот кој го обележува најголемиот успех во историјата на македонскиот машки клупски ракомет – победата во финалето од Лигата на шампионите.