РК Вардар ја продолжи доминацијата во домашните натпреварувања, откако со денешната победа над РК Металург во финалето на Купот на Македонија ја одбрани двојната национална круна и го освои петтиот по ред Куп трофеј и вкупно 13-ти во историјата на натпреварувањето.
Интересен натпревар играа Вардар и Металург во спортската сала Младост во Битола, во кој и покрај тоа што Вардар водеше во најголемиот дел од 60-те минути, Металург успеваше до самиот крај да ја одржи неизвесноста. Предводен од Филип Кузмановски кој одигра нов одличен меч, Металург преку погодоците на Гуглета, Пешевски и Јагањац дојде до почетно водство од 5-3, но следуваа четири погодоци по ред на Вардар за пресврт и водство кое го одржуваа до полувремето за предност од 14-12. На средината на второто полувреме Вардар се одлепи и на највисоки 7 голови предност (25-18), но Металург направи нова серија од 4-1 со која донесе неизвесна завршница. Вардарци сепак знаеја како водството да го претворат во триумф и со реализациите на Борозан и Циндриќ стигнаа до конечна победа од 30-26.
Тимур Дибиров со 6 голови беше најдобар стрелец кај победничкиот тим, 5 гола постигна Циндриќ, а стрелци на по 4 погодоци беа Карачиќ и Шишкарев. Кај Металург, Кузмановски и Јагањац постигнаа по 7 погодоци.
Конечен резултат: РК Вардар – РК Металург 30-26 (14-12) – записник од натпреварот
По завршувањето на средбата доделени беа и индивидуалните признанија. Мартин Томовски од Металург одигра одлично и во финалето покрај тоа што во полуфиналето оствари 20 одбрани против Еурофарм Работник, па заслужено ја доби наградата за најдобар голман на Фајнл Фор турнирот. Најдобри стрелци на турнирот беа Филип Кузмановски и Халил Јагањац кои ја поделија наградата со по 12 постигнати голови, а за најкорисен играч на турнирот (МВП) прогласен беше Даинис Кристопанс од Вардар.
Ова беше 13-ти Куп трофеј за Вардар и петти по ред, со што продолжи доминацијата на црвено црните која почна во 2013 година. Во однос на останатите најуспешни екипи во Купот на Македонија, Металург и Пелистер остануваат на делба на втората позиција со по 5 трофеи досега, додека по еден трофеј имаат освоено и Шевро Куманово, Борец и Тутунски Комбинат Бренд.