Во четврток и сабота, нашата сениорска женска репрезентација ќе ги одигра двата натпревари против Словенија од Квалификациите за ЕП 2016 година. Селекторот Симе Симовски денеска во СРЦ „Кале“ го одржа првиот тренинг со репрезентативките за старт на подготовките за овие две средби.
Во позитивна атмосфера се одржа првиот собир на репрезентацијата со фокусот насочен кон наредниот противник. Симовски, добро запознаен со квалитетите на Словенија, потенцираше дека нашата млада селекција на ракометарки има потенцијал да извлече поволен резултат, иако противникот ја има фаворитската улога.
„Иако помина некое време (од декември) откако последен пат се собравме под дресот на репрезентацијата, секојдневно ги следиме настапите и развојот на овие ракометарки, така што тие добро се познаваат меѓусебе и знаат како е да функционираат како тим. Во меѓувреме организиравме неколку пријателски средби помеѓу Вардар и Металург, клубовите за кои најголем дел од овие ракометарки настапуваат, и тие беа организирани токму од таа причина, да ги воиграме што подобро. Последниот пат имав забелешки кои се однесуваа на физичката подготвеност на дел од ракометарките и тоа им беше посочено. Работевме на тоа и мислам дека сега се наоѓаме во добра форма, односно сме подготвени да го покажеме најдоброто“, вели Симовски.
Првиот од двата натпревари се игра во четврток во Марибор, додека втората средба е закажана за сабота во СРЦ „Кале“ во Скопје. Македонија и Словенија доживеаја порази во првите две средби од групата во дуелите со Хрватска и Црна Гора, па токму меѓусебните дуели ќе решаваат за третото место кое би можело да води на Европското Првенство во Шведска.
„Словенија е силна репрезентација. Детално ја проанализиравме нивната игра и можам да издвојам само дека станува збор за квалитетен состав кој ќе биде комплетен и кој е добро покриен на секоја позиција. Тие се фаворити, сепак и ние самоуверено влегуваме во овие натпревари и доколку го извлечеме најдоброто од нас, сметам дека можеме да се спротиставиме. За овие млади ракометарки секој меѓународен натпревар е од големо значење за развојот на нивните кариери, тие тоа го знаат и сигурен сум дека ќе го дадат максимумот“, заврши Симовски.
Нашата репрезентација ќе работи тренинзи во СРЦ „Кале“ до среда, за кога е предвидено заминувањето за Словенија. Натпреварот во Марибор се игра во четврток од 17:30, по што Македонија веднаш се враќа во Скопје за продолжување на подготовките. Втората средба во СРЦ „Кале“ во Скопје се игра во сабота од 20:00 часот. Влезот за тој натпревар е слободен.