Вардар оди во Полска со негатива од два гола

Вардар оди во Полска со негатива од два гола

На Вардар му остануваат уште 60 минути од двомечот со Кјелце, во кој ќе треба да ги надополни двата гола предност што во Скопје гостите ги остварија, по триумфот од 22-20 (11-11).

Вардар подобро го почна натпреварот, а на Кјелце му требаа шест минути за да реализира првпат. Двете екипи одиграа добро и цврсто во одбрана, што го покажува и малиот број на голови, не само во првото полувреме туку и на целата средба. По водството од 4-2 во 7. минута, Вардар чекаше цели 10 минути за повторно да поведе со два разлика, но ниту тоа не траеше долго. Противникот играше подеднакво цврсто и добро, па невозможно беше било кој тим да се одлепи со поголема разлика.

Од 8-6 во 18. минута, Кјелце врза три гола едноподруго, што беше прва таква серија за една од двете екипи и првпат дотогаш поведе. До крајот на полувремето само уште еднаш се најде во таква улога, со 11-10, пред Горбок да погоди за 11-11 на пола натпревар.

Одлична одбрана покажа Вардар на почетокот на второто полувреме. Голманот Арпад Штербик беше одличен меѓу стативите и токму поради него и агресивната одбрана Кјелце не постигна гол цели 10 минути. Но, не се искористи добро кризниот момент кај противникот. Два гола предност беше најмногу што постигнаа нашите ракометари.

Последните 15 минути беа решавачки за конечниот исход. Од водство 15-12, Вардар прими четири гола по ред и никогаш повеќе не поведе. Им овозможи на крилата на Кјелце неколку лесни гола, па дури и три позитива пред крајот, 22-19. Реваншот се игра на 19 април во Полска.

 

Вардар – Кјелце 20-22 (11-11)

Вардар: Штербик, Ангелов, Стоилов 4, Брумен 1, Прибак, Терзиќ, Тоскиќ, Марковиќ, Карачиќ 4, Душебаев 2, Абутовиќ, Лазаров 3, Растворцев, Дибиров 1, Горбок 5, Шишкарев.

Кјелце: Шмал, Шего, Грабарчук, Јурецки 4, Ткачук 4, Реичман, Шрапковски 1, Агинагалде 2, Бијелецки 3, Јачлевски, Штрлек 5, Бунтиќ, Муса, Зорман, Росински, Чупиќ 3.
Фото: rkvardar.mk

 

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести