Сениорската женска репрезентација на Македонија успешно го стартуваше квалификацискиот турнир за СП 2017, откако денеска во првата средба во Торшавн го совлада домаќинот на турнирот Фарски Острови со 21-19.
Избраничките на Симе Симовски стигнаа до победата со подобра игра во второто полувреме, откако по првите 30 минути од натпреварот резултатот беше изедначен (8-8). Иако нашите репрезентативки подобро го отворија натпреварот и поведоа со 3-1, домаќинот ја консолидираше играта и до паузата ја анулираше негативата.
Се играше гол-за-гол во првите минути од второто полувреме, но следуваше период на неколку добри одбрани во низа на Матеја Серафимова, а на спротивната страна успешни беа Ристовска и Саздовска од крилните позиции како и Ливриниќ и Керамичиева кои ја предводеа бековската линија. Македонија во 45-та минута стигна до предност од 3 голови која знаеше како да ја одржи до крајот на натпреварот за мирна завршница и заслужен триумф од 21-19.
Најдобар стрелец во македонскиот состав беше Сара Ристовска со 6 постигнати погодоци, а Саздовска и Керамичиева реализираа по 4. Ливриниќ и Елена Ѓеорѓијевска беа стрелци на по 2 гола, додека во листата на стрелци се запишаа и Душица Ѓорѓијевска, Десподовска и Трпковска со по една реализација.
Нашата женска сениорска репрезентација утре (сабота) го продолжува настапот на квалификацискиот турнир за СП со натпревар против Австрија закажан од 16:00 часот. Селекцијата на Австрија денеска во првата средба доживеа пораз од Исланд со 28-24. Во последното коло во недела, Македонија ќе игра против Исланд од 17:00 часот. Најдобропласираните две селекции од групата ќе обезбедат пласман во бараж натпреварите за СП.