Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска го одржа првиот собир во пресрет на ЕХФ неделата. Се почнува со тренинзи во Скопје, а на крајот на неделата репрезентацијата ќе настапи на турнирот „Кроација Куп“ во Умаг, Хрватска каде ќе одигра натпревари со домаќинот и со Црна Гора.
Селекторот Ивица Обрван ги почнува подготовките во Скопје со изменет состав и со повеќе млади ракометари во репрезентацијата, кои ќе добијат добра шанса да се покажат и промовираат во ситуација на повреди и отсуства на некои од поискусните. Заклучно со среда ќе се тренира по два пати дневно во Скопје, а заминувањето за Умаг е предвидено за четврток.
На првиот собир, присутни беа сите ракометари со исклучок на Борко Ристовски и Гоце Георгиевски, кои треба дополнително да пристигнат имајќи во предвид дека вчера ги играа своите натпревари во националните првенства.
„Дел од поискусните играчи откажаа поради повреди и на нивно место повикавме неколку млади играчи, кои би можеле овој турнир да го искористат за проверка и промоција на нивните можности. Ќе биде добра можност да видиме на кого од нив и колку ќе можеме да сметаме во самиот подготвителен период пред ЕП“, вели Обрван.
„За ЕХФ неделата ќе имаме разбирање за играчите кои имаат напорни клупски натпревари во националните првенства, особено оние што играат во странство. Не сме премногу оптоварени со турнирот, секако дека ќе настојуваме да го покажеме најдоброто, но многу поважно сметам дека ќе биде да промовираме нови репрезентативци на кои ќе можеме да сметаме на ЕП во Полска. Последен проблем во тимот е што се уште не ја знаеме сериозноста на повредата на Никола Марковски која ја заработи на вчерашниот натпревар. Очекуваме детален медицински извештај набрзо, па ќе одлучиме дали ќе треба да повикаме замена и за него или не“, заклучи селекторот на репрезентацијата.
Капитенот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, изрази задоволство што во националниот тим се појавуваат и млади ракометари, потенцирајќи дека токму оваа ќе биде добра можност за нив да се докажат. „Секоја ЕХФ недела треба да биде максимално искористена. Да бидам искрен, мило ми е што се појавуваат овие ‘нови деца’ во репрезентацијата, млади играчи кои веќе настапуваат во европските купови и го добиваат неопходното искуство. Иако можеби не играат на највисоко ниво, секој натпревар за нив е ново искуство и нова шанса да влезаат во ритам и да направат чекор напред“, констатира Кирил Лазаров.
Фото: Спортмедиа.мк