Нашата Женска младинска репрезентација (У20), по високата победа над Израел вчера, денеска доживеа пораз од Словенија од 26-20 кој сериозно ги намалува шансите за пласман на Светското Првенство.
Во пресрет на последниот ден од Квалификациите што се играат во Франција, на нашата репрезентација ќе и биде потребна победа над домаќинот од 11 или повеќе голови, за да ја заврши групата на првото место, а со тоа и да се пласира на завршницата од светскиот собир. Постои варијанта Македонија да оди на СП дури и со минимална победа над Франција, но за тоа треба Словенија да не го победи Израел, иако Словенките важат за големи фаворити во тој меч.
Се играа изедначени први 9 минути од денешниот натпревар, по кои резултатот беше 5-5. Сепак, следуваше серија на Словенија од 5-1 со која тие го превземаа водството и не го испуштија до крајот. Преку Ристовска и Нолевска нашиот состав намали на 11-10, но Пишек со два гола во низа повторно ја зголеми разликата и на полувреме се замина со 14-12 за Словенија.
На стартот на второто полувреме избраничките на Симе Симовски имаа проблеми со реализацијата и Словенија тоа знаеше како да го искористи, па преку Пишек и Станко стигна до највисоки 19-13. Керамичиева и Ристовска брзо вратија со два гола, навестувајќи дека Македонија нема рано да се откаже од мечот, сепак во завршницата повторно изостана реализацијата на нашиот тим и Словенија го приведе натпреварот кон крај за конечни 26-20.
Сара Ристовска со 7 погодоци беше повторно најпрецизна во нашиот тим, а Теодора Керамичиева додаде 5 гола. Реализатори на по два гола беа Митова, Бојаџиска и Нолевска, додека по еднаш погодија Стојановска и Гичевска. Кај Словенија најдобри беа Станко со 10 и Пишек со 9 голови.
Последниот натпревар од Квалификациите против Франција, нашата репрезентација го игра утре (недела) од 15:00 часот.