Младинската машка ракометна репрезентација на Македонија (до 21 година) ја оствари втората победа од исто толку одиграни натпревари на Светското Првенство во Алжир, откако денеска со убедливи 48-20 ја совлада селекцијата на Брукина Фасо.
По првите 10 минути од средбата веќе беше 8-2 за Македонија, а првото двоцифрено водство дојде во 20-та минута кога нашиот состав поведе со 13-3. Селекторот Иле Темелковски ја искористи можноста и да одмори дел од првотимците и да им даде посериозна минутажа на резервните ракометари, додека разликата на семафорот постојано се зголемуваше. На полувреме се замина со 23-8 за Македонија, а рутинската завршница ги донесе конечните 48-20.
Димитар Димитриоски со 8 голови заврши како прв стрелец во нашиот тим, Дарио Петровски додаде 7 голови, а по 6 реализираа Иван Џонов и Давор Палевски. Лазаревски, Танкоски и Шилегов постигнаа по 5 гола, а во листата на стрелци се запишаа и Нелоски со 2, односно Јагуриновски, Велковски, Кузмановски и Крстевски со по 1 гол.
Со оваа втора победа во втората средба, Македонија го дели првото место на табелата со селекцијата на Шпанија. По една победа досега имаат Тунис и Бразил, додека без триумф се Русија и Брукина Фасо. Утре на програмата е веќе третото коло, во кое Македонија се среќава со Тунис од 19:00 часот по македонско време.