Неизвесната завршница на квалификацискиот натпревар во СРЦ „Кале“ донесе нерешени 21-21 во клучниот меч за пласман на Светското младинско првенство помеѓу Македонија и Португалија. Победникот во квалификациската група ќе биде познат по одигрувањето на последните две средби кои се закажани за утре.
Крајно неизвесен натпревар полн со пресврти одиграа Македонија и Португалија во Скопје, додека и двете селекции во самата завршница имаа свои шанси за триумф. Мечот почна добро за нашиот состав кој одржуваше предност од 2 голови на почетокот, но во втората половина на првото полувреме, Португалците со добра игра во одбраната направија пресврт и на пауза заминаа со солидни 5 голови разлика (14-9). Во второто полувреме Македонија одигра далеку подобра одбрана, а во завршните моменти одличен на голот на нашата селекција беше Мартин Томовски и помогна нашите репрезентативци да го свртат резултатот во своја полза (21-20). Сепак, недостасуваше реализација за Македонија во самите последни моменти, а Португалците успеаја да изедначат и натпреварот заврши со нерешени 21-21.
Филип Талески беше најдобар стрелец во нашиот состав со 6 голови, додека по 3 реализираа Палевски и Велковски. По два гола постигнаа Димитриоски, Нелоски и Шилегов, додека во листата на стрелци со по еден гол се запишаа уште Арсеновски, Крстевски и Петровски.
Утре во СРЦ „Кале“ ќе се одиграат последните две средби од турнирот кои ќе го одредат и конечниот пласман на екипите на табелата, а со тоа и патникот на Светското Првенство. Најпрво Португалија игра против Полска од 12:00 часот, додека Македонија се среќава со селекцијата на Турција од 14:30 часот.