Сениорската машка репрезентација на Македонија, која со сериозно подмладен состав замина на турнирот во Умаг, доживеа пораз од 29-21 на отворањето од домаќинот Хрватска. Утре избраниците на Ивица Обрван, ја играат и втората средба против Црна Гора.
Слабиот почеток на натпреварот во кој нашите репрезентативци направија неколку технички грешки, дозволи Хрватска по нецели 10 минути игра да стигне до водство од 7-2. По тајм-аутот на Обрван, Македонија ја консолидираше играта. Жарко Пешевски имаше свои минути во тој период од натпреварот, но и покрај тоа што во еден момент успеавме и да намалиме, на пауза се замина со 17-12 за домаќинот.
Во второто полувреме, нашите ракометари се доближија на три гола негатива (19-16 и 21-18), сепак селекторот Обрван, како што и порано најави, посериозна минутажа им даде на помладите играчи, кои и покрај обидите немаа сили да го задржат темпото и Хрватска пред крајот успеа да се одлепи на највисоки и конечни 29-21.
Жарко Пешевски со 6 погодоци беше најпрецизен во нашиот состав, а Кирил Лазаров додаде 5 голови. Одлична вечер имаше младиот Филип Талески кој реализираше 4 голови и за кого пофални зборови имаше и Ивица Обрван во изјавата за медиумите по натпреварот. Кај Хрватска, најдобар беше Златко Хорват со 7 голови постигнати од исто толку обиди.
Вториот натпревар на турнирот во Умаг, нашата репрезентација го игра утре од 19:00 часот а противник е составот на Црна Гора. За потсетување, турнирот во хрватскиот град се игра во склоп на ЕХФ неделата, која претставува подготовка на ракометарите пред ЕП во Полска во јануари 2016.