Женската младинска репрезентација на Македонија (до 19 години) доживеа пораз од 33-18 од фаворитот Унгарија на отворањето на Квалификацискиот турнир за пласман на ЕП 2017, што деновиве се игра во Скопје.
Унгарките, кои пред две години ја освоија бронзата на Европското Првенство што исто така се организираше во нашиот главен град, подобро го почнаа мечот и рано стигнаа до водство кое не го испуштија до крајот. Македонија имаше добри моменти на крајот на првото и почетокот на второто полувреме, кога предводена од одличните одбрани на Амра Иљаз успеа да се доближи до 4 голови разлика (11-7), но Унгарија повторно на средината на второто полувреме влезе во низа голови кои и ја донесоа високата победа од 15 голови разлика (33-18).
Утре на програмата во СРЦ „Кале“ се натпреварите од вториот ден на турнирот. Од 17:00 ќе играат Унгарија – Фарски Острови, додека Македонија од 19:30 се среќава со Молдавија. Во првиот меч од денешниот ден, Фарски Острови беа подобри од Молдавија со 33-15.
Најдобропласираните две репрезентации од групата обезбедуваат учество на ЕП 2017 што ќе се игра летово во Словенија.