Со одлична игра во одлучувачкиот натпревар за пласман на ЕП 2017, Македонската женска младинска репрезентација ја совлада соодветната селекција на Фарски Острови со 23-19 и обезбеди учество на континенталниот собир што летово ќе се одржи во Словенија.
На натпреварот со кој се затвори квалификациската група во СРЦ „Кале“, Фарски Острови подобро почнаа и одржуваа минимално водство во првите 10-тина минути. Но во продолжението, предводени од Гичевска и Гајиќ, македонските репрезентативки направија пресврт и на пауза заминаа со солидна предност од 15-10.
Разликата се зголеми во првиот дел од второто полувреме, па и покрај повремените падови во играта, пред се во нападот, нашите ракометарки не дозволија противникот во ниту еден момент посериозно да се понадева на пресврт. Рутинската завршница ги донесе конечните 23-19, со кои Македонија го зацврсти второто место на табелата зад Унгарија и обезбеди учество на Европското Првенство што летово ќе се игра во Словенија.
Леонида Гичевска со 7 голови беше прв стрелец во нашиот тим, а 6 голови додаде Марија Гајиќ. Анастасија Николовска играше одличен меч кој го заврши со 3 голови, а исто толку постигна и Сара Стефановска. Во листата на стрелци со по еден гол се запишаа и Глигоријадис, Граматова, Иванова, и Камческа.
По завршувањето на квалификациите, Македонија е една од 16-те репрезентации кои ќе настапат на Европското Првенство. Потсетуваме, оваа генерација ракометарки играше Европско Првенство и пред две години, кога организатор на континенталнот собир беше Македонија.