Јуниорската репрезентација на Македонија (до 20 години) го заврши настапот на Европското Првенство во Данска на 15 позиција, откако во последниот меч ја совлада Русија по продолженија со 33-32.
Во тесен и изедначен натпревар со неколку пресврти, избраниците на Александар Јовиќ на полувреме заминаа со еден гол негатива (14-13), за во второто полувреме да направат пресврт и да поведат и со 3 гола. Сепак Русија успеа резултатски да се врати, а успеа и да се одбрани во последниот напад од регуларните 60 минути по кој со изедначен резултат (27-27) се замина во продолженија.
Добрата игра во одбраната на нашиот тим на почетокот на продолженијата донесе предност од 33-31, а Русија во самата завршница успеа да постигне само еден гол и да ги постави конечните 33-32 за Македонија.
Со овој натпревар нашите Јуниори го завршија настапот на Европското Првенство во Данска на 15-та позиција.