Победа на Младинците над Бразил (28-23) за осминафинале на СП

Победа на Младинците над Бразил (28-23) за осминафинале на СП

Младинската машка ракометна репрезентација на Македонија одигра најдобро кога беше најпотребно и во решавачкиот меч од групата Ц го совлада Бразил со 28-23, со што ја заврши групната фаза на високото второ место (зад Шпанија) и обезбеди пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации во Светот.

Иако натпреварот беше главно неизвесен, Македонија водеше во најголемиот дел од 60-те минути. Рано во првото полувреме со добра игра во одбраната и реализации во нападот на повеќе различни играчи, Македонија дојде до водство, кое до крајот на полувремето се движеше на околу 2-3 гола. И покрај тоа што имавме три исклучувања од по две минути во текот на тоа прво полувреме, одбраните на Мартин Томовски донесоа и неколку и лесни голови од контра напади, што на полувреме ни донесоа 14-11.

На почетокот на второто полувреме поведовме и со дотогаш највисоки 15-11, но следуваше пад во играта и Бразил тоа го искористи да ја анулира негативата. На 10 минути до крајот од средбата, Бразил со серија од 6-2 направи пресврт и успеа да поведе со 22-21, но веднаш потоа најпрво Талески изедначи, а одбраните на Даниловски и реализациите на Кузмановски, Шилегов и Арсеновски ни донесоа предност од 26-22, која веќе беше недостижна за Бразилците. Во последните неколку минути знаевме како да ја задржиме предноста за конечни 28-23.

Филип Талески со 7 голови беше најдобар стрелец во нашиот состав, Мартин Велковски постигна 6 гола, а 5 додаде Мице Шилегов. По 4 голови реализираа Кузмановски и Арсеновски, додека по еднаш во листата на стрелци се запишаа Палевски и Нелоски.

Со оваа трета победа во петтиот натпревар, Македонија го обезбеди второто место во Групата Ц, зад Шпанија и пред Тунис и Русија кои исто така патуваат во осминафиналето. Бразил и Брукина Фасо ќе разигруваат за некоја од 16-та до 24-та позиција. Противникот на Македонија во осминафиналето ќе биде познат вечерва по одигрувањето на мечот помеѓу Алжир и Саудиска Арабија, а можни противници се Алжир (во случај да победи) или Аргентина (во случај на нерешено или победа на Саудиска Арабија).

Утре на Првенството е слободен ден, а осминафиналните дуели ќе се играат во среда.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести