Македонската машка младинска репрезентација го доживеа првиот пораз во третиот натпревар од групната фаза на СП 2017, откако денеска загуби од Тунис со 32-27.
Првото полувреме од средбата донесе голем број на голови и неколку пресврти. Тунис подобро почна и поведе со 3-0, но Македонија се врати, најпрво изедначи на 3-3, а потоа со голот на Велковски дојде и до прво водство од 8-7. Сепак, втората половина од првото полувреме им припадна на Тунижаните, кои во еден момент водеа и со 5 голови разлика, за на пауза да се замине со 17-13.
Во второто полувреме Македонија се доближи до еден гол негатива (21-20), но тоа е се што избраниците на Иле Темелковски успеаја да направат. Следуваше нова низа голови на Тунис за ново резултатско одлепување, а во завршницата од средбата, серијата одлични одбрани на тунискиот голман дополнително ја зголеми разликата која се искачи и до највисоки 7 голови. Македонија постигна два гола во последната минута од средбата и ги постави конечните 32-27.
Со овој прв пораз, Македонија со Тунис го дели второто место на табелата со 4 бодови, додека Шпанија е прва со 6, сега единствена без пораз по трите одиграни кола. Бразил и Русија имаат по 2 бода, а последна е Брукина Фасо со 0 бодови. Утре е слободен ден, додека во недела, нашите младинци ги очекува дуел со Шпанија од 19:00 часот. Во понеделник завршува групната фаза со натпреварот против Бразил.