Македонските женски репрезентации во младинска и кадетска конкуренција, заеднички ги работат подготовките за претстојните континентални собири што на крајот на овој месец и почетокот на следниот ќе се играат во Целје, односно Скопје.
Двете репрезентации се во Маврово веќе пет дена, а заедничката работа дополнително влијае на квалитетот на подготовките. Селекторите и членовите на стручниот штаб на двете репрезентации низ постојана комуникација и соработка се обидуваат да го извлечат најдоброто од своите избранички, а во текот на вчерашниот ден, присутен во Маврово беше и селекторот на Сениорската женска репрезентација, Симе Симовски.
На ЕХФ Шампионатот што ќе се игра во Скопје за ракометарки до 17 години, Македонија се наоѓа во група со Полска, Швајцарија, Грција и Фарски Острови. Најдобропласираната репрезентација во групата ќе обезбеди место во финалето. На Европското Првенство до 19 години во Словенија, Македонија за противници во групата ќе ги има исклучително квалитетните Норвешка, Хрватска и Русија.