Младинската машка ракометна репрезентација на Македонија (до 21 година) од вчера е во Доха каде утрово го одработи и првиот тренинг пред двете пријателски средби со домаќинот Катар.
Селекторот Иле Темелковски на располагање ќе има 16 ракометари кои против Катар ја работат последната фаза од подготовките за настап на Светското Првенство во Алжир. Првата од двете подготвителни средби со Катар се игра вечерва од 18:00 часот, а вториот натпревар е предвиден за утре од истиот термин.
Младинската репрезентација на Македонија настапот на Светското Првенство го почнува на 18 јули со дуел против Русија. Во групната фаза, нашите репрезентативци ќе се сретнат уште со Шпанија, Тунис, Бразил и Брукина Фасо. Четирите најдобропласирани селекции од групата, го продолжуваат натпреварувањето во елиминациската фаза.