Наши пријатели

Совладана и Црна Гора, Македонија е во втората фаза од ЕП

mkd mne

Македонската машка сениорска репрезентација на Македонија успеа во второто полувреме да ги надмине проблемите кои ги имаше во првите 30 минути од натпреварот со Црна Гора и со одлична тимска игра да дојде до вториот триумф во исто толку натпревари на Европското Првенство, осигурувајќи го своето место во втората фаза од Првенството.

Црна Гора предводена од расположениот Чавор водеше во поголемиот дел од првото полувреме, а и покрај тоа што Македонија успеа на 10 минути до паузата да направи пресврт и да поведе со 12-11, Црногорците сепак го завршија полувремето со предност од 16-15. Се играше гол за гол на почетокот на второто полувреме, но со влегувањето во игра на Филип Кузмановски, нашата селекција доби дополнителна енегрија и набрзина креираше позитива од 4 голови (25-21), која не ја испушти до крајот. Црна Гора успеа во завршницата само да намали за конечни 29-28 за Македонија.

Кузмановски со 5 голови беше најдобар реализатор во нашиот состав, кој пред се го одликуваше одлична тимска игра која ја донесе победата. Кирил Лазаров и Филип Миркуловски заедно искомбинираа 8 погодоци со 11 асистенции, стрелец на 4 гола беше и Дејан Манасков, додека нова одлична партија пружија Филип Лазаров (3 од 3 од игра) и Стојанче Стоилов кој мечот го заврши со еден погодок но и со неколку изнудени седмерци и одлична игра во одбраната во текот на сите 60 минути. Во листата на стрелци се запишаа уште Талески со 3 гола, Пешевски со 2 и Георгиевски, Никола Маркоски и Прибак кои реализираа по еден гол.

Со оваа втора победа по ред, Македонија се искачи на врвот на табелата во Групата Ц со 4 бода, еден повеќе од Германија и три повеќе од Словенија. Последна е Црна Гора која својата шанса за пласман во втората фаза ќе ја бара против Словенија во последното коло.

Македонија во четврток се среќава со Германија во натпревар кој ќе решава колку бодови ќе пренесат двете селекции во главната рунда. Нашиот тим веќе има обезбедено два бода на кои ќе се додадат и евентуалните бодови освоени од мечот со Германија. Натпреварот е закажан да почне од 18:15 часот. Во втората фаза, Македонија заедно со Германија и третопласираниот тим од нашата група (Словенија или Црна Гора, ќе вкрсти со Групата Д во која единствено Шпанија досега го има обезбедено местото во главната рунда. За останатите две позиции се борат Данска, Чешка и Унгарија.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright