Со високо водство во текот на целата средба, нашата сениорска машка репрезентација убедливо ја совлада Саудиска Арабија со 37-21 на пријателскиот натпревар што денеска се одигра во Белград.
Само во првите пет минути од средбата резултатот беше неизвесен, кога Македонија со погодоците на Лазаров, Манасков и Георгиевски се одлепи на 9-5 и до крајот од средбата само го зголемуваше водството. Во последните 10 минути од првото полувреме Македонија направи серија од 7-1 и на пауза замина со предност од 19-11.
Разликата продолжи да се зголемува и на стартот на второто полувреме, кога со одлична игра во одбраната и лесна реализација од контра-напади, нашата селекција поведе и со највисоки 30-14. Рутинската завршница на натпреварот ги донесе конечните 37-21.
Македонија – Саудиска Арабија 37-21 (19-11)
Стрелци за Македонија: Талески 5, Ојлески 5, Поповски 4, Манасков 3, Лазаров Кирил 3, Маркоски Никола 3, Георгиевски 3, Кузмановски 3, Стоилов 2, Пешевски 2, Велковски 2, Лазаров Филип 1, Миркуловски 1
Избраниците на Раул Гонзалез утре ја играат и втората пријателска средба во Белград која воедно ќе биде и последна подготвителна пред Европското Првенство во Хрватска. Противник на нашите сениори утре ќе им биде домаќинот Србија на натпревар што ќе се игра во СЦ Вождовац. Средбата почнува од 18:00 часот.