Пораз од Полска на отворањето. Утре клучен натпревар против Тунис

Пораз од Полска на отворањето. Утре клучен натпревар против Тунис

Македонската сениорска машка репрезентација доживеа пораз од домаќинот Полска за во првиот натпревар од Квалификациите за Олимписките игри 2016. Утре со почеток од 18:00 часот во Гдањск, го играме клучниот меч за пласман во Рио против Тунис.

Иако Полска во најголемиот дел од првото полувреме се наоѓаше во водство, нашите ракометари успеваа да одржат тесен резултат. Избраниците на Ивица Обрван имаа и повеќе можности да ја анулираат негативата, сепак добрите одбрани на полскиот голман Шмал и неколкуте промашувања од чисти ситуации не дозволија пресврт до полувремето, кое заврши со резултат 13-9.

На почетокот на второто полувреме Полска го зголеми водството на 17-11, а на 10 минути до крајот, тоа се искачи и на највисоки 8 голови (23-15). Нашите ракометари успеаја да го вратат ритамот и да одиграат добро во завршницата, пред се во одбраната, со што ја намалија разликата за конечни 25-20 за Полска.

Кире Лазаров со 7 постигнати голови беше најдобар стрелец во нашиот тим, додека по 4 гола постигнаа Стојанче Стоилов и Гоце Георгиевски. Голманот Никола Митревски имаше впечатлив настап на голот на нашата репрезентација, завршувајќи го мечот со 7 одбрани.

По овој прв пораз од инаку фаворизираната Полска, Македонија утре ја очекува решавачкиот натпревар за пласман на Олимписките игри. Од 18:00 часот во ЕРГО Арената, противник на нашите ракометари ќе биде Тунис, кој денеска го совлада Чиле. Последниот натпревар од Квалификациите против Чиле го играме во недела. Најдобропласираните две репрезентации од групата ќе обезбедат пласман на Олимписките Игри во Рио 2016.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести