Македонија се пласираше во втората фаза на ЕП

Македонија се пласираше во втората фаза на ЕП

Дејан Манасков со гол во самите последни секунди од натпреварот против Србија, ги постави конечните 27-27, резултат кој Македонија ја води во втората фаза од Европското ракометно првенство.

Натпреварот кој веќе го доби епитетот „најдобар досега на Првенството“, го одбележаа максимално изедначени 60 минути. Фактот што двете репрезентации само по еднаш успеаја да стигнат до 2 гола разлика како највисока предност, најдобро говори за неизвесноста во средбата која имаше особено значење и за двете селекции за продолжување на настапот на ЕП.

Србите беа први кои во 12-та минута поведоа со 7-5, но веднаш следуваа голови на Манасков и Мојсовски кои го изедначија резултатот. Во 24-та минута, Гоце Георгиевски погоди од крило и донесе највисоки 12-10 за нашата селекција, сепак Србија успеа да изедначи во последната минута од полувремето и на пауза се замина со 13-13.

Се играше гол-за-гол постојано во текот на второто полувреме, додека двете селекции често го менуваа водството. Јасно беше дека натпреварот ќе замине во неизвесна завршница, а последните 30 секунди донесоа дури 3 гола. Најпрво Стојанче Стоилов прифати одбиена топка од голманот Станиќ и реализираше на точно половина минута до крај за 26-26. Србите и со ракометар помалку преку Ѓукиќ на 10 секунди до крајот повторно поведоа (27-26), за сепак последниот збор да го има Дејан Манасков кој беше прецизен по асистенцијата на Филип Миркуловски и ги постави конечните 27-27, за пласман на Македонија во втора фаза од ЕП.

Манасков играше фантастичен натпревар завршувајќи го со 10 постигнати голови. Стрелец на 5 гола беше Гоце Георгиевски, а во листата на стрелци во нашата репрезентација се запишаа и Стојанче Стоилов и Кирил Лазаров со по 4 голови, Филип Миркуловски кој постигна 3 гола, како и Наумче Мојсовски кој беше реализатор на 1 гол.

Со овој натпревар се комплетираше првата фаза од Групата А, каде Полска и Франција заедно со Македонија го продолжуваат Првенството, додека Србија како последнопласирана го завршува својот настап.

Во следната фаза во која место обезбедија најдобрите 12 екипи на „Стариот континент“, Македонија ќе игра против Хрватска, Норвешка и Белорусија. Натпреварите се закажани за 21, 25 и 27 јануари, исто така во Краков. Во групата се уште и Полска и Франција кои ги пренесуваат бодовите од првата фаза. Според системот на натпреварување, најдобропласираните две екипи од оваа група ќе играат полуфинале, додека трето и четвртопласираните ќе продолжат со разигрување за 5 до 8 место.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести

Известување

Ракометната Федерација на Македонија по претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денес (14.11.2024