Костески со гол во последната секунда донесе три од три за Македонија на ЕХФ Шампионатот

Костески со гол во последната секунда донесе три од три за Македонија на ЕХФ Шампионатот

Фантастичен натпревар одиграа Македонија и Фарски Острови во третото коло на ЕХФ Шампионатот за играчи до 18 години што периодов се игра во Грузија, а по големиот број пресврти во текот на средбата, Македонија на крајот се радуваше на победа од 30-29 по голот на Ненад Костески постигнат во последната секунда од средбата.

Фарски Острови подобро го отворија натпреварот и рано поведоа со 7-3, сепак нашиот состав успеа во продолжението да ја наметне својата игра и најпрво успеа да изедначи, а потоа пред крајот на полувремето и да поведе со 4 голови разлика. Сепак, во последните две минути од првото полувреме, неколкуте технички грешки во нападот на нашата селекција дозволија брзи контри за противникот, па Фарски Острови успеаја да изедначат и на полувреме се замина со 16-16.

Во второто полувреме се играше генерално изедначено, со тоа што Фарски Острови одржуваа благо водство во поголемиот дел. Во моментите кога нашиот состав имаше проблеми со реализацијата, Марко Кизиќ беше одличен на голот, сепак Фарски Острови беа тие кои во последната минута од средбата влегоа со минимална предност. Македонија преку Серафимов успеа да изедначи, а Фарски Острови по организацијата на последниот напад доби седмерец, на осум секунди до крајот. Марко Кизиќ со феноменална интервенција го одбрани седмерецот, а по тајм-аутот на селекторот Данило Брестовац, Македонија за осум секунди организираше напад кој заврши со реализација на Ненад Костески од крило, за триумф од 30-29 кој веројатно ќе го осигура полуфиналето на нашиот тим.

Мартин Серафимов со 9 голови беше најпрецизен во нашиот тим, Костески додаде 6 гола, а по 5 погодоци реализираа Кондев и Џигероски. Кристијан Симоновски постигна 3 гола, додека во листата на стрелци со по еден гол се запишаа и Карапалески и Какоски.

По оваа средба, Македонија и Швајцарија го делат првото место во групата, единствени со максимален учинок и по шест бода по првите три кола. Луксембург и Фарски Острови имаат по два бода, а последни се Естонија и Литванија кои се уште немаат бодови, пред денешниот меѓусебен дуел. Иако се уште неофицијално, Македонија е многу блиску до осигурување на пласманот во полуфиналето на Шампионатот, заедно со селекцијата на Швајцарија. Токму Македонија и Швајцарија во меѓусебен дуел утре од 11:00 часот по македонско време, ќе одлучат за победникот во групата, кој теоретски носи полесен противник на хартија во полуфиналето.

Сподели:
Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати вести

Информација

По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денес Ракометната Федерација на Македонија ја

Информација за медиуми

Почитувани, Ракометна Федерација на Македонија (РФМ) работи, постапува и одлучува единствено согласно утврдените

Информација

Почитувани, Ве информираме Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно Член 35,