Кадетското Светско Првенство 2019 ќе се игра во СЦ Борис Трајковски и СЦ Јане Сандански

Кадетското Светско Првенство 2019 ќе се игра во СЦ Борис Трајковски и СЦ Јане Сандански

Високи претставници на ИХФ во минатите два дена беа во Скопје каде по извршената инспекција ги потврдија нашите две најголеми арени како домаќини на натпреварите на Светското Кадетско Првенство 2019 година.

Данецот Пер Бертелсен во својство на Претседател на Комисијата на ИХФ за организација на настани и натпреварувања, заедно со Полјакот Марек Горалчук кој е член на Комисијата, во изминатите два дена ги разгледуваа условите во спортските сали и сместувачките капацитети во нашиот главен град, по што беше утврдено дека Кадетското Светско Првенство ќе се игра во двете најголеми сали во Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“. Дополнително, за тренинзи на репрезентациите во текот на Првенството ќе бидат искористени уште шест спортски сали.

По успешно минатата инспекција на нашата земја како организатор на големото натпреварување, во наредниот период ќе следува дефинирање на точните датуми за одржување на Првенството, за кое засега е познато дека ќе се игра во текот на летните месеци во 2019 година. На Светското Првенство за кадети (до 19 години) ќе учествуваат вкупно 24 репрезентации, што ќе бидат поделени во 4 групи од по 6 репрезентации.

Ракометната Федерација на Македонија доби висока оцена за подготвеноста да организира настан од овој калибар, што претставува и одлична препорака и во однос на сите слични настани во иднина. Последен пат РФМ и Македонија организираа Светско Првенство во 2014 година, тогаш за кадетки до 18 години, а во меѓувреме нашата земја постојано е домаќин на големи натпреварувања на континентално ниво. Во периодот од 20 до 29 јули 2018 година, во нашиот главен град ќе се игра ЕХФ Шампионатот за ракометари до 20 години.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести