Извештај за одлуки од состанокот на Управниот Одбор на РФМ

Извештај за одлуки од состанокот на Управниот Одбор на РФМ

Денеска во просториите на Ракометната Федерација на Македонија се одржа втората седница на Управниот Одбор на РФМ. Членовите на УО детално разговараа за сите точки од дневниот ред.

Верифицирани беа одлуките донесени поради итност за:
– Поддршка за добивање на награда за животно дело „8 Септември“ за 2017 година за: Венцислав Недев (Македонска Традиционална Карате Федерација), Ристо Дарлев (Федерација на боречки спортови на Македонија) и Петар Алексовски – Пепо (Здружение на спортски ветерани на град Скопје).
– За укинување на судиски и делегатски такси на ракометните клубови во женска лига во систем на натпревари на РФМ за натпреварувачка сезона 2017/18.
– За парична награда за сениорска машка репрезентација на Р.Македонија за обезбедување на пласман на ЕП Хрватска во 2018 година во висина од 40.000 Евра нето износ.

Презентирани беа извештаите на селекторите на националните селекции за настапите на репрезентациите во изминатиот период:
– Извештај за настап на Машка сениорска репрезентација за квалификациски натпревари за ЕП Хрватска 2018 и претстојни активности за подготовки за ЕП Хрватска 2018.
– Извештај на Женска сениорска репрезентација за квалификациски бараж натпревари за СП 2017 против Шведска и претстојни активности за Квалификации за ЕП Франција 2018.
– Извештај на Машка младинска репрезентација за СП У21 во Алжир 2017.
– Извештај на Женска младинска репрезентација за ЕП У19 во Словенија 2017.
– Извештај на Женска кадетска репрезентација за ЕХФ Шампионат У17 во Македонија 2017.

По презентираните извештаи и по деталните разговори како поединечно по селекција, така и глобално за македонскиот репрезентативен ракомет, Управниот Одбор на РФМ донесе заклучок да се формира стручно тело во соработка со Здружението на ракометни тренери на Р.Македонија, кое веднаш ќе почне работа и кое ќе биде фокусирано на целогодишно следење и насочување на развојот на тренерите на младите генерации, а со тоа и на самите млади играчи, во насока на унапредување на квалитетот. Во текот на ноември 2017 година ќе се одржи работна конференција за тренерите на тема „млади категории“, преку која донесените соодветни заклучоци ќе се применат и во пракса.

Пред Управниот Одбор на РФМ презентирани беа и реализираните активности поврзани со RINCK конвенцијата од страна на Центарот за едукација на ракометни тренери, како и информацијата за реализација на последната фаза од СМАРТ програмата.

УО на РФМ едногласно ја потврди информацијата од Комесарот за натпреварување, Камер Металари, за националниот систем на натпревари за сезоната 2017/18 и го назначи Иван Ивановиќ на позицијата Супервизор на националните натпреварувања.

Презентирана пред Управниот одбор беше и заедничката кандидатура на РФМ и Македонија за организација на Сениорското женско Европско Првенство во 2022 година, заедно со Словенија и Црна Гора.

Управниот Одбор едногласно донесе одлука Данило Брестовац да биде нов селектор на машката младинска (генерација 1998) и кадетска репрезентација (генерација 2000), кои во наредните две години, меѓу другото, ќе настапат и на ЕХФ Шампионатот 2018 година за Младинци и Светското Првенство 2019 година за Кадети што ќе се играат во Скопје, во Македонија. Образложена беше развојната стратегија и планот за настапи на овие репрезентации во наредниот период, во која фокусот е ставен на развојот на младите играчи, меѓу кои повеќемина талентирани играчи се членови на двете репрезентации. Досегашниот селектор на Младинците (генерација 1996), Иле Темелковски, кој со своите ракометари оствари историски успех на Светското Првенство во Алжир, ќе биде и натаму достапен на РФМ за сите идни развојни стратегии за младите ракометари, кои ќе бидат дополнително координирани.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести