Успешен последен ден имаа ракометарките и ракометарите од Националната Спортска Академија на меѓународниот турнир во Брашов. Јуниорките со победа во финалето над Динамо Брашов го освоија златото, додека Кадетките стигнаа до второто место. Прво и второ место остварија и двете машки екипи во Јуниорска конкуренција.
Одличните настапи на младите македонски ракометари и ракометарки заслужено им ги донесоа престижните одличја, кои денеска организаторот на турнирот во Брашов им ги додели на свечената церемонија.
Откако порано во денот двете машки екипи во Јуниорска конкуренција со победи ги осигураа двете први места, а кадетскиот тим во женска конкуренција загуби во финалето од силната Корона, турнирот се затвори со женското финале до 18 години, во кое нашиот состав со одлична игра во текот на целиот меч го совлада Динамо Брашов.
Покрај двете златни и двете сребрени медали, нашите ракометари и ракометарки се закитија и со две престижни индивидуални признанија. Марио Танкоски од А Јуниорскиот машки тим беше избран за МВП во генерацијата до 18 години, додека Ивана Наумоска од А Јуниорскиот женски тим ја доби наградата за најдобар голман во конкуренцијата.
Конечен пласман:
У18 А мажи – 1 место
У18 Б мажи – 2 место
У18 Ц мажи – 4 место
У16 А мажи – 4 место
У18 А жени – 1 место
У18 Б жени – 6 место
У16 А жени – 2 место