Младинската машка репрезентација на Македонија го оствари најголемиот успех во колективните спортови во историјата на нашата земја, со пласман меѓу шесте најдобри репрезентации во светот.
Избраниците на Иле Темелковски брзо се рехабилитираа од четвртфиналниот пораз од фаворизираната Франција и одиграа феноменален меч против Русија, доминирајќи на теренот во текот на сите 60 минути. Цврстината и стабилноста во одбраната, заедно со смирената тимска и ефикасна игра во нападот, донесоа двоцифрена разлика од 10 голови на полувремето. Рутински го одиграа рторото полувреме нашите Младинци, на моменти зголемувајќи ја предноста, за конечен висок и заслужен триумф од 36-27 против Русија.
Филип Кузмановски со 7 голови заврши како прв стрелец во нашиот состав, Палевски и Велковски додадоа по 6 голови, а фантастичен натпревар имаше и голманот Мартин Томовски со 11 одбрани.
Оваа победа ја носи Македонија меѓу шесте најдобри екипи во Светот, а последниот меч на СП избраниците на Иле Темлековски ќе го одиграат утре против Унгарија. Натпреварот ќе одлучува за пласман на петтата или шестата позиција.
Пласманот на нашите Младинци меѓу шесте најдобри репрезентации во Светот, пишува нова страница во македонската спортска историја, со тоа што досега, ниту една репрезентација во ниту еден колективен спорт не стигнала до ваков резултат. Ракометните младинци го престигнаа рекордот на Сениорската Женска ракометна репрезентација, која во 1997 година на СП во германија се пласираше на седмата позиција.