Нерешено со европскиот шампион – Македонија прва во Групата Ц

Нерешено со европскиот шампион – Македонија прва во Групата Ц

Сениорската машка ракометна репрезентација на Македонија ја продолжи низата одлични игри на Европското Првенство во Хрватска и одигрувајќи нерешно против актуелниот шампион Германија, без пораз ја заврши групната фаза на првото место и пренесе одлични три бода во втората фаза во Вараждин.

Избраниците на Раул Гонзалез имаа водство од три гола во неколку наврати во првото полувреме, а и покрај тоа што Германија успеа со серија од 8-2 да направи пресврт и да поведе со 11-8, Македонија до паузата намали на 12-11. Во второто полувреме главно се играше гол-за-гол, Македонија повторно дојде до 3 гола предност (19-16), но Германците и овој пат ја анулираа одведувајќи го мечот во неизвесна завршница. Нашата селекција имаше можност да дојде и до победа, но по нереализираниот последен напад, Македонија успеа да се одбрани и од нападот на Германија во последните секунди за конечни 25-25.

Филип Талески со 6 голови беше најпрецизен во нашиот тим, Дејан Манасков и Кирил Лазаров постигнаа по 5. Жарко Пешевски и овој натпревар го заврши со стопроцентна реализација постигнувајќи три гола, а три гола додаде и Стојанче Стоилов. Во листата на стрелци се запишаа уште Кузмановски со два погодоци и Поповски со 1 гол. Одличен на голот на Македонија на средбата беше Борко Ристовски со 12 одбранети удари, за што го доби признанието за најкорисен играч на натпреварот.

Како и на сите претходни, така и на оваа средба, Македонија ја одликуваше фантастична тимска игра и максимална борбеност за секоја топка. Нерешениот резултат на крајот и носи на нашата селекција прво место во групата Ц, оставајќи ги Европскиот Шампион – Германија и освојувачот на бронзата на последното Светско Првенство – Словенија, зад себе на табелата.

Македонија патува во втората фаза во Вараждин со пренесени 3 бода што ја става на првата позиција пред конкурентите. Покрај Германија која има два бода и Словенија која има еден, со по два бода во групата доаѓаат и Шпанија, Данска и Чешка кои ќе бидат следните противници на нашите репрезентативци. Следуваат три слободни дена за Македонија, а првиот натпревар од главната фаза го играме на 21 јануари од 20:30 часот кога за противник ќе ја имаме Шпанија.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести